Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) објави дека Катар ќе биде домаќин на Светското првенство во кошарка 2027 година, а сите натпревари од турнирот ќе се играат во Доха.
Откако во ноември и декември минатата година беше домаќин на Светското првенство во фудбал, на кое селекцијата на Аргентина стана светски шампион, Катар за четири години ќе организира уште еден значаен спортски настан.
Од ФИБА велат дека биле импресионирани од понудата на Катар, а како предност го истакнаа одржувањето на турнирот во еден град, посочувајќи дека навивачите ќе имаат можност да уживаат во повеќе натпревари со помалку патување.
Освен тоа, сета инфраструктура што ќе се користи во текот на првенството веќе е изградена, а користењето на зелената технологија ќе овозможи ФИБА Светското првенство во кошарка 2027 да стане настан без емисија на јаглерод диоксид.
„Една од најдобро поврзаните дестинации во светот, главниот град на Катар, Доха, има директни летови од повеќето потенцијални земји учеснички, додека неодамна надградената мрежа на подземната железница и јавниот превоз ги поврзуваат сите места, давајќи врвна услуга за сите посетители“, велат од ФИБА, пренесува ТРТ Балкан.
Ова ќе биде трета последователна светска смотра што ќе биде одржана на азискиот континент. Пред четири години кошаркарското првенство се одржа во Кина, каде што шампионската титула ја освои Шпанија. Од 25 август до 10 септември оваа година, 32 репрезентации ќе се борат за светската титула на турнирот што го организираат три азиски земји, Јапонија, Филипини и Индонезија.