ФСБ во паника поради девојче (12) од Русија: Нејзиниот цртеж бил причина за претрес во куќата, уапсен и нејзиниот татко, а еве каде заврши таа!

Стотици луѓе досега се осудени според новите закони со кои режимот на Путин го потиснува слободното изразување и противење на руската војска во Украина

Полицијата на Путин уапсила Русин поради анти-воениот цртеж на неговата малолетна ќерка, објави рускиот портал Москва Тајмс на англиски јазик. Алексеј Москаљев (53) е приведен, а неговата 12-годишна ќерка Маша е испратена во сиропиталиште, соопшти здружението за заштита на човекови права ОВД-Инфо.

Сето ова се случи во градот Јефремов во провинцијата Тула: поради цртежот што Маша го нацрта во април минатата година на училиште за време на час по уметност. Таа ги нацрта украинските и руските знамиња со натписи „Не на војната“ и „Слава на Украина“. На цртежот е прикажана и фигура на жена која го штити своето дете од руски проектили. Наставничката по ликовно цртежот го пријавила кај директорот, кој пак пријавил во полиција.

ОВД-инфо наведува дека агенти на ФСБ, Федералната служба за безбедност на Русија, го посетиле девојчето со тоа што отишле да разговараат со неа во основното училиште. Неколку дена по „инцидентот“, самохраниот татко беше обвинет за клевета на руската армија, поради анти-воен коментар што го напиша на социјалната мрежа Однокласници, објави ОВД-Инфо. Нивната куќа била претресена, по што Москаљев и неговата ќерка го напуштиле градот. Но, тој беше уапсен во средата, а неговата ќерка беше однесена во дом.

Во декември против Москаљев беше покрената кривична постапка за повеќекратно прекршување на новите закони за клевета на руската армија, за што може да биде осуден на три години затвор, пишува Москва тајмс. Стотици луѓе досега се осудени според новите, построги закони според кои режимот на Путин го потиснува јавното изразување на противењето на руската воена вмешаност во Украина.