Хрватската Влада бара активност од институциите во борбата против дебелината

Хрватска е на врвот на листата на земји-членки на ЕУ со поголем процент на луѓе со прекумерна тежина во споредба со просекот, поради што Владата на денешната седница ја поддржа предлог-резолуцијата на собраниската Комисија за здравство и социјална политика, која има за цел да се намали овој тренд.

Во резолуцијата се предлага сите надлежни институции да преземат активности со цел да се намали бројот на лица кои имаат проблеми со прекумерната телесна тежина, а министерот за здравство Вили Берош во образложението за поддршка за резолуцијата изјави дека во Хрватска во 2019 година само 34,3 отсто од возрасните имале нормална телесна маса.

Ова го покажале резултатите од Европската здравствена анкета (ЕХИС), а според нив, 41,3 отсто од возрасните во Хрватска биле со прекумерна тежина, а 23 отсто дебели.

– Со тоа Хрватска се позиционираше на врвот на листата на земји-членки на ЕУ со поголем процент на луѓе со прекумерна тежина и дебели луѓе во споредба со просекот на ЕУ, предупреди хрватскиот министер за здравство.

Врз основа на анализата на моменталната состојба и трендовите, додаде тој, се проценува дека проблемот со дебелината дополнително ќе ескалира во иднина и дека во 2030 година процентот на дебели луѓе во Хрватска ќе биде 32,4 отсто за мажи и 30,49 отсто за жени. 

– Имајќи ги предвид овие податоци, за да се постигнат оптимални резултати во борбата против дебелината, потребно е да се вклучи целата заедница.Тоа значи дека е неопходно да се вклучат сите општествени институции и стопански субјекти кои преку меѓусебно усогласено дејствување ќе ја подигнуваат свеста за потребата од преземање заеднички чекори во унапредување на превенцијата на лекување од дебелина, рече Берош.