– На 15-месечна возраст Џејс Џојс пројавил желба за читање и пишување, ги разбирал сликите во сликовниците и можел да ги нацрта.
Сега, на четиригодишна возраст, тој може да аплицира да влезе во Гинисовата книга на рекорди како најмладиот човек кој истовремено објавил книга и серијал.
Неговата мајка Аним Џојс во разговор за Анадолу рече дека Џојс е „неверојатно дете со незамислив талент“.
Таа првпат го увидела потенцијалот на Џејс кога држел молив како возрасен на возраст од 15 месеци.
На тригодишна возраст тој можел да ги запише своите мисли на хартија, откривајќи ги силните страни на неговата одлична меморија. Тој има голем талент за меморирање и пишува и илустрира настани или приказни со примеси на авантура и забава.
„Сакам да пишувам затоа што пишувањето е забавно. Сакам луѓето да го читаат она што го пишувам и да ја користат својата имагинација и да пишуваат свои приказни“, вели малиот автор.
Неговата мајка рече дека Џејс има фотографска меморија, што му помогнало да почне да чита и пишува на многу мала возраст.
„На три години тој почна да пишува дневник за нашите патувања во паркот, зоолошката градина и самопослуга. Кога доаѓавме дома, тој сакаше да запише сè и да го илустрира тоа.“
Аним рече дека му читала на својот син како и секоја друга мајка, но дека талентот за меморирање на Џејс бил причината за неговото брзо учење да чита и пишува.
Првите две книги на Џејс – „Плажа без море“ и „Џејсовата желба за слатки“ – беа објавени на Светскиот ден на книгата на 2 март.
Тој е главниот лик во неговите приказни со цел да ја пренесе својата порака. Неговите приказни се за моралот, охрабрувањето на децата да се хранат здраво и дека понекогаш работите не одат како што сакаме, но дека сепак можеме да бидеме среќни со она што го имаме.
Тој има само четири години и 10 месеци. Моментално Гинисовиот рекорд во оваа категорија го држи автор од Шри Ланка кој ја објавил својата прва книга „Нездрава храна“ на возраст од 4 години и 356 дена.
Аним истакна дека нејзиното семејство го остварило потребниот контакт со Гинисовата книга на рекорди и поднеле апликација.
Сепак, постојат неколку критериуми за да се признае рекордот. Џејс мора да има објавено книги кај официјален издавач и да продаде 1.000 примероци од секоја книга.
Семејството соопшти дека Џејс ги исполнил сите критериуми и сега чека книгата, која е достапна на Амазон, да се продаде во потребниот број примероци.
Сликовниците на Џејс, исто така, се објавуваат преку издавачката куќа „The Book Chief“ од Бирмингем.
Аним се надева дека книгите на нејзиниот син ќе се продадат пред крајниот рок, односно додека наврши 4 години и 356 дена.
„Многу сум горда на тоа што го постигна на толку мала возраст кога децата не учат да читаат, а камоли да пишуваат свои приказни. Нивното објавување е остварување на сонот. Навистина се надевам дека тој верува во себе колку што јас верувам во него“, рече мајката на Џејс.