Бериша: Одлуката на Апелација донесена во кабинетот на Рама има за цел уништување на ДП и политичкиот плурализам

 Лидерот на побројното крило на албанската опозициска  Демократската партија, Сали Бериша, реагираше по одлуката на Апелација, која го врати во  првостепениот суд прашањето за печатот и логото на оваа партија, со што нив може да ги користи крилото предводено од Енкелед Алибеај.

Тој обвини дека „одлуката  е донесена претходно во кабинетот на Еди Рама” чија цел е „ликвидација на албанската опозиција и политичкиот плурализам во Албанија“.

– Тројца судии во невиден процес против плурализмот ја прочитаа одлуката подготвена пред извесно време во кабинетот на Еди Рама, со која беа запознаени и одредени амбасадори, акредитирани во Тирана. Денеска сме во време на вистинско тестирање и имам најголема доверба дека албанските демократи се решени да го заштитат плурализмот во Албанија и Демократската партија по секоја цена, рече меѓу другото Бериша.

Имам голема верба, додаде, дека како што ги „надминавме на нај легитимен, нај одлучен начин сите замки, обиди за наше уништување, ќе ја надминеме секоја пречка и тешкотија”

– ДП денес е помоќна партија од кога било, деновиве ќе ги собере своите форуми и врз основа на овој непријателски, уништувачки став што го објави наркодржавата и Еди Рама, ќе ги преземе сите соодветни одлуки да ја продолжи својата мисија со најмоќниот начин, најави Бериша.

Со поништување на одлуката правото да се регистрира за локалните избори на 14 мај има ДП предводена од Енкелед Алибеај, кој по оставката на Љуљзим Баша на 21 март минатата година, е вршител на должноста претседател на партијата.

Бериша и неговите приврзаници насилно влегоа во седиштето на партијата кое и сега го користат.