– Заедничката истрага на италијанските и шпанските власти доведе до запленување на 700 килограми кокаин во близина на Канарските Острови во Шпанија и приведување на неколку лица овој месец, соопшти италијанското обвинителство за борба против мафијата.
Шпанската полиција ја заплени дрогата на едрилица под полско знаме, која дошла од Јужна Америка на 5 август.
Тие приведоа двајца италијански државјани кои ги затекнаа на бродот, обвинувајќи ги за трговија со дрога. Еден од Италијанците е сопственик на бродот.
Шпанските власти приведоа и двајца мажи од српска и хрватска националност во градот Лас Палмас на островот Гран Канарија, осомничени дека оттаму ги контролирале шверцерските операции.
Едно од италијанските лица наводно е поврзано со калабриската група „Ндрангета“, додека Хрватот е осомничен дека има врски со таканаречениот Балкански картел, соопштија властите.
Српските и хрватските власти, како и Европол соработувале во истрагата.
„Истрагата идентификуваше значајна закана; Зголемената способност на криминалните организации да соработуваат тесно и да распоредуваат членови на различни локации на подолги периоди за да овозможат трговија со дрога од големи размери“, се вели во соопштението на Европол.
Истрагата започна во март 2022 година и се фокусираше на бродот под полско знаме, кој имаше воспоставена привремена база на Канарските Острови.
Оттогаш, органите на редот ги надгледуваа активностите на екипажот и открија дека бродот прави нередовни патувања „за да покаже нормалност“ до 27 јули, кога шпанските власти открија необично патување до изолирана точка подлабоко во Атлантскиот Океан, соопшти Европол.