Што и носи Билјана Ванковска на Левица? Идеологија, “Никогаш Северна” место вергината на Александар Македонски, но и му го чува грбот на Димитар Апасиев (ВИДЕО)

0

Што навистина и носи на Левица Билјана Ванковска како претседателски кандидат, ако ги собере потребните потписи за учество на изборите? Од се по малку!

Прво, идеологија. И чистење на политичките пораки. Очигледно дека Левица сака да го баштини прашањето на името а не вергината на македонската антика. И тоа стана јасно во текот на минатата година. Што ќе рече дека нивната кампања ќе биде Никогаш Северна а не Ние сме деца на Александар и да се колнат над сликите на 16 кракото сонце. Во услови кога ВМРО ДПМНЕ е дел на техничката влада, а министрот на полицијата ќе “штанца” пасоши на Северна Македонија тоа е карта на која ќе игра Левица.

Второ, инсистирање на лева идеологија. Сликањето на гробот на Тито, а потоа и на гробот на Енвер Хоџа во Тирана, со некоја матна фотографија на нешто што би требаше да го симболизира Кукуш на ГоЦе Делчев, иако тој град е целосно опожарен во текот на Балканските војни, покажа дека Левица сака да биде лева партија.

Трето, помош но и сигурност на Димитар Апасиев. Левица е партија на Апасиев како што на почетокот на 90-тите години ВМРО ДПМНЕ беше партија на Љубчо Георгиевски. Во кампањата за изборите 1994 година се виде дека Љубчо има проблем со харизмата на Љубиша Георгиевски кој беше претседателски кандидат на таа партија ( и на опозицијата ). Патем ќерката на Љубиша Георгиевски е сега член на Левица. Апасиев е сигурен во Ванковска. Таа ќе го “бустира” Апасиев на социјалните мрежи и во промоција на пораките, но во исто време ќе го држи сигурен дека нема да му го земе партискиот трон.

Ванковска за оваа Левица е многу подобро решение од поранешниот прв човек на МАНУ, Љупчо Коцарев чие име се врзуваше со таа партија. Подоцна тоа беше демантирано, па имаше полу-информации дека самиот академик ја негирал таа близина во ходниците на белата палата. Но за разлика од Коцарев, кој очигледно е поблизок до крилото на Солза Грчева ( една од трите жени на референдумот 2018 година ), која во меѓувреме се соочи со пречки во тонот и со Ванковска и со Гордана Силјановска, а сето тоа поврзано со претседателската номинација на Силјановска на изборите 2019 година, Ванковска нема да мавта со разно разни вергини туку ќе оди на класична лева идеологија, салонска но лева идеологија.

Изборите во Србија покажаа дека Гласот од народот на докротот Бранимир Несторовиќ не е изолиран случај. Иако на прв поглед сите се лепат за изјавите на докторот за короната, Тесла, вонземјани и слично, поентата е дека има еден солиден процент од електоратот ( најмалку шест до осум отсто ) кои политичките пораки ги примаат преку наративот на геополитиката. Освен Несторовиќ таму се и Синиша Лепојевиќ, Павиќ и други играчи кои се ѕвезди и гледани на јутуб каналите. Тој модел сега Левица сака да го искористи.

Во Левица очигледно проценуваат дека пред изборите е можно екстрадирање на Љупчо Палевски Палчо и сакаат со време да се откажат од разни десни, трети и слични проекти. Преку Гога Сорос, Завиша филм групацијата и Солза Грчева истите ќе остават да бидат залепени за ВМРО ДПМНЕ.

Постои опасност со Ванковска Левица да биде препознаена како “лајт верзија” на Гордана Силјановска, ако таа биде претседателски кандидат на ВМРО ДПМНЕ, но за очекување е дека Ванковска ќе биде многу поударна во пораките во споредба со монотониот правно-факултетовски будизам на Гога Сорос.

Се на се Ванковска, ако ги соберат потребните потписи, ќе треба да го реши клучниот проблем на Апасиев: Левица да не биде “уан мен шоу”. Како во НБА лигата, ако го сопрете Апасиев ќе ја сопрете и Левица. Сега ќе има и друг играч кои во името на Левица ќе ги испраќа политичките пораки до јавноста, а тоа да не бидат разно разни “џанаци” и “политички маргиналци”.