Пред вечерашното градско дерби во Ла Лига, Атлетико Мадрид објави дека нема да го удостои Реал Мадрид и со таканаречениот традиционален „шпалир“ да му ја честита шампионската титула во Шпанија.
Реал минатиот викенд ја освои својата рекордна 35. титула и според шпанската традиција вообичаено е противниците со „шпалир“да им честитаат на новите шампиони.
Меѓутоа, тренерот на Атлетико Мадрид, Аргентинецот Диего Симеоне, порача дека Реал нема да добие таква честитка од почитување кон домашните навивачи.
– Не знам дали постои „шпалир“ во другите лиги. Секое општество е поинакво. Шпанија има таква традиција, но таму од каде што јас доаѓам тоа не се практикува. Го почитуваме Реал, но уште повеќе ги почитуваме нашите навивачи, изјави Симеоне