Американскиот претседател Џо Бајден денеска се консултираше со своите сојузници за најновите случувања во врска со руската инвазија на Украина, соопшти Белата куќа.
Целта на повикот беше „да се разговара за континуираната поддршка за Украина и напорите Русија да се смета за одговорна во кругот на сојузниците“, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Во меѓувреме, руските сили денеска го зазедоа првиот град во источна Украина како дел од новиот, многу голем напад што официјален Киев го опиша како битката за Донбас.
САД ги сметаат сегашните акции на руските сили за вовед во уште поголеми офанзивни операции во источна Украина, изјави висок американски функционер.
Со Бајден денеска онлајн зборуваа канадскиот премиер Џастин Трудо, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, британскиот премиер Борис Џонсон, како и лидерите на Полска, Јапонија и Италија.