Би-Би-Си тврди -руски тенкови влегоа во вториот по големина украински град. Украина бара Турција да го затвори Босфорот за руски бродови во Црното море, цената на златото скокна до небо (видео)
Според последните извештаи, кои, како што неофицијално се дознава, ги потврди и украински функционер, руски тенкови веќе се во Харков, вториот по големина украински град, јавува Би-Би-Си.
Украина официјално ги прекина дипломатските односи со Русија по инвазијата на украинска територија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на брифинг со новинарите, пренесува Би-Би-Си.
Русија во четвртокот започна инвазија на Украина од копно, воздух и море, што е најголемиот напад на друга земја во Европа од Втората светска војна.
Пристигнуваат првите фотографии од цивили убиени во нападот на Чугуев, град во близина на Харков.
Цените на златото скокнаа за цели 2 отсто откако руските сили ја нападнаа Украина по наредба на претседателот Владимир Путин, што е најголем пораст во последната година, пренесува Ројтерс.
Златото утринава во Лондон се тргуваше по цена од 1.942,10 долари за унца, што е раст од 1,88 отсто во однос на претходниот ден и највисок износ од крајот на 2020 година.
Во САД се зголеми за 1,85 отсто на 1.945,80 долари за унца.
Рубљата, од друга страна, падна на никогаш пониски нивоа.
Украина побара од Турција да го затвори пристапот до Босфорот и Дарданелите поради руските воени бродови, пренесува АФП.
Босфорот и Дарданелите се единствениот пат по кој бродовите можат да стигнат до Средоземното Море од Црното Море, каде што Русија има морнарица. Украинскиот амбасадор во Анкара ја повика и Турција да го затвори својот воздушен простор.
Во меѓувреме, Русија го суспендираше движењето на комерцијалните бродови во Азовското Море, објави во четвртокот новинската агенција Интерфакс, цитирајќи ја руската управа за поморски и речен транспорт.
Според Ројтерс, според меѓународната конвенција од Монтре, членката на НАТО Турција има контрола над минување на бродови меѓу Средоземното Море и Црното Море, што потенцијално ја става Анкара во позиција на клучен играч во воениот конфликт меѓу Русија и Украина.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека војниците од таа поранешна советска република може да учествуваат во воената операција на Русија против Украина доколку е потребно, пренесува агенцијата Белта.