Австралиското Министерство за одбрана ќе ги отстрани сите камери за надзор од кинеско производство од своите згради за да обезбеди нивна целосна заштита, соопшти денеска австралиската Влада.
„Официјалните лица ќе ги лоцираат и отстранат сите такви камери лоцирани на локациите на Министерството за одбрана“, рече министерот за одбрана Ричард Марлс.
„Ова е важна работа што ни беше обрнато внимание и ќе ја поправиме“ за овие згради да бидат „целосно заштитени“, објасни тој за националната телевизија Еј-БиСи.
Најмалку 913 такви уреди се инсталирани во повеќе од 250 владини канцеларии, според опозицискиот пратеник Џејмс Патерсон, познат по својот антикинески став, кој тврди дека камерите се „заразени со шпионски софтвер“.
Покрај Министерството за одбрана, со слични кинески уреди се опремени и министерствата за надворешни работи и финансии, како и Јавното обвинителство. Предметните камери беа произведени од Hikvision и Dahua – и двете на црната листа во САД.