Американската амбасадорка во РМ, Ангела Агелер, упати честитки за назначувањето на Радмила Шеќеринска за заменик генерален секретар на НАТО. Агелер во пост на Х напиша дека тоа ја покажува професионалноста на Шеќеринска, но и улогата на Македонија како ценет партнер на НАТО и САД.
„Најсрдечни честитки до Радмила Шеќеринска, идниот заменик генерален секретар на НАТО, како и Христијан Мицкоски и Владата на Северна Македонија за поддршката на нејзината кандидатура. Моќно сведоштво за стручноста и искуството на Шеќеринска и улогата на Македонија како вреден НАТО сојузник и партнер на САД“, напиша Агелер.
Поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска денеска во Брисел е избрана за заменик генерален секретар на НАТО и ќе биде заменик на Марк Руте.
„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шеќеринска за следен заменик генерален секретар. Таа е вистински верник во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучи на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа витална улога“, рече Руте.
Шеќеринска претходно беше вицепремиер за евроинтеграции и министер за одбрана на Северна Македонија, вклучително и пред влезот на земјата во НАТО Алијансата во 2020 година.