Адвокат во САД доби затворска казна- ја труел бремената сопруга со апчиња за абортус

Тој е осуден на 180 дена затвор. Неговата сопруга Кетрин Херинг во средата пред судот изјавила дека смета дека казната не е доволно тешка, објави НБЦ Њуз.

Имено, по инцидентот таа сепак успеала да ја износи бременоста, но нивната едногодишна ќерка заостанува во развојот и осум пати неделно оди на терапија. „Мислам дека 180 дена не се доволни за повеќекратни обиди да се убие сопственото дете“, рече Кетрин, според Асошиејтед прес.

Во 2022 година, Мејсон Херинг (39) почнал да ѝ става лекови за да предизвика абортус на неговата сопруга, со која бил во брак 11 години, откако дознал дека е бремена со третото дете. Во тужбата се наведува дека парот во тоа време живеел одвоено, но дека оделе на терапија за парови.

Откако дознал за бременоста, Мејсон веднаш ѝ рекол на сопругата дека не е задоволен од тоа бидејќи тоа ќе му ги расипе сите планови. Бидејќи терапевтот ги советувал да ги поминат празниците заедно, Мејсон имал пристап до храната и пијалоците што ги консумирала неговата сопруга.

Почнал да ѝ кажува дека треба да се грижи за своето здравје и да пие повеќе течности. На 17 март 2022 година, тој ѝ донел појадок и вода и рекол дека нема да замине додека не ја испие целата чаша. Кетрин вели дека забележала дека водата е малку заматена, но Мејсон ѝ рекол дека тоа најверојатно се должи на проблем со цевките.

Кога ја испила водата, Кетрин имала силни грчеви, почнала да крвари и завршила во итната медицинска помош. Таа се посомневала во својот сопруг и поставила скриени камери низ куќата. Таа изјавила на полицијата дека Мејсон ѝ дал пијалок измешан со апчиња за абортус во шест други прилики, но таа не го испила.

На властите им покажала видео на кое се гледа како нејзиниот сопруг ѝ става лек во пијалокот, а потоа ја фрла кутијата во ѓубре. Кога погледнала низ отпадот, нашла амбалажа за лек кој содржи мизопростол, кој се користи за поттикнување абортус. Покрај 180 дена затвор, судијата го осудил и на 10 години условна и му забранил да контактира со сопругата (сега се разделени) и едногодишната ќерка.