– Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбер Адеми оствари средба со Елвира Ковач, претседателка на Одборот за европска интеграција во Србија.
На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, било потенцирано дека е многу важно Западен Балкан што поскоро да стане дел од Европската Унија и дека Унијата е неопходно да најде начин да го овозможи тоа. Соговорниците посочиле дека подготовката за полноправно членство може да се постигне до 2030 година и тој датум е реална и остварлива цел, како за кандидатите, така и за Унијата.
Соговорниците се согласиле дека, имајќи ја предвид кризата во Украина, во Брисел е создаден политички моментум кој е поволен за процесот за натамошно проширување на ЕУ, што не треба да го пропуштат учесниците од Западен Балкан.
На средбата се разговарало за унапредување на билатералната и парламентарната соработка меѓу двете држави, перспективите на проширување на Европската Унија кон Западен Балкан и актуелните состојби во Европа и светот.