Администрацијата на Бајден одобри продажба на оружје на Израел во вредност од 106,5 милиони долари

 – Американската администрација одобри итна продажба на речиси 14.000 парчиња тенковска муниција на Израел во вредност од 106,5 милиони долари, без ревизија од страна на Конгресот.

Израел побарал да купи 13.981 парче тенковска муниција и соодветна опрема, соопшти Агенцијата за одбранбена безбедносна соработка при американското Министерство за одбрана.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен даде детално оправдување пред Конгресот дека „постои вонредна состојба која бара итна продажба“, се додава во соопштението.

Се наведува и дека САД, кои ставија вето во петокот на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот во Газа, се посветени на безбедноста на Израел, и дека е круцијално за американските национални интереси да се поддржи Израел да одржи силна самоодбранбена способност.

Најмалку 17.700 Палестинци загинаа, а над 48.780 лица се повредени во немилосрдните воздушни и копнени напади врз енклавата од 7 октомври, по прекуграничниот напад на Хамас.

Според официјалните податоци, бројот на загинати Израелци во нападот на Хамас изнесува 1.200.