Аеродром бара итно да се најде решение за отпадот во Скопје

Општина Аеродром реагира на неодамнешната ситуација создадена во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Од оваа Општина бараат Град Скопје и „Комунална хигиена“ да најдат решение за наталожениот отпад.

„Обврска и одговорност на секој раководител, вклучително и директорите на јавните претпријатија и градоначалниците на Град Скопје, е да воспостави и одржува систем за соодветно управување со ресурсите со кои располага и на тој начин да обезбеди квалитетна услуга за граѓаните. Чистотата, јавната хигиена и одржувањето на здрава животна средина е јавен интерес од кој сите имаме корист“, се наведува меѓу другото во реакцијата.

Тие велат дека граѓаните ја плаќаат општинската такса и дека останува одговорноста на Град Скопје и Комунална хигиена да го собираат сметот и да ја исчистат животната средина.

„Преполните контејнери и лошата миризба што се шири во општината е одговорност на Град Скопје и Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Граѓаните одговорно и навреме ја плаќаат општинската такса и заслужуваат чиста и добро одржувана животна средина. Поради оваа причина, апелираме до институциите да ја остават настрана политиката и итно да изнајдат решение за собирање на отпадот“, велат од општина Аеродром.