Азербејџанскиот амбасадор, Камил Касијев на средба во Собранието

Претседателот на пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Азербејџан, Енес Ибрахим и членовите, денеска остварија протоколарна средба со амбасадорот на Република Азербејџан за државава Камил Касијев.

Тема на средбата, соопштија од собраниската прес-служба, била продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји.

Претседателот на пратеничката група за соработка со Парламентот на Азербеџан, Ибрахим поздравувајќи ја посетата на амбасадорот Касијев на Собранието, посочил дека првпат во овој пратенички состав формирана е група за пријателство со Азербејџан и оти искрено се надева дека средбата ќе ја поттикне парламентарната соработка во насока на интензивирање и зајакнување.

– Како држава имаме капацитет и ресурси и за соработка на економски план. Затоа ние сме заинтересирни да ја подобриме економската соработка. Пред се тука мислам на нашата надворешно трговска размена која е со доста мал обем и со постојан суфицит од македонска страна, и која во минатата 2022 година на вкупно ниво изнесувала околу 765.000 долари, од што само 436.000 долари се извоз на тутун од Македонија. Секако овие параметри во наредните години може многу да се подобрат, рекол Ибрахим.

Амбасадорот Касијев, посочил дека Република Азербејџан има намера во иднина да оствари постојано присуство во земјава, како што е отворање на дипломатска канцеларија. На овој начин, се наведува во соопштението, тој смета дека би се зголемила и дипломатската размена меѓу двете земји, бидејќи така би се засилиле и билатерланите посети.

Амбасадорот на Азербејџан потенцирал дека групите за пријателство се многу важни бидејќи пратениците се најдобрите амбасадори на своите земји. Тој посочил дека двете држави треба да работат и на продлабочување на соработката во областа на туризмот, но и во културата.

На средбата била отворена и темата за олеснување на визниот режим меѓу двете држави.

Членовите на Пратеничка група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Азербејџан, Бејџан Илјаз, Мерите Колчи Коџаџику и Емилија Рамбабова, поздравувајќи го присуството на амбасадорот Касијев во земјава, порачале дека во иднина двете држави треба да ја зголемат соработката на секое поле.

Република Северна Македонија и Република Азербејџан воспоставија дипломатски односи во 1995 година кои во се карактеризираат со пријателство и взаемна почит.