Азербејџан поднесе барање за членство во БРИКС

Азербејџан објави дека поднел барање за членство во блокот најбрзорастечки економии во светот БРИКС кој го предводат Бразил, Русија, Индија, Јужноафриканската Република и Кина, кој се смета за ривалски на блокот најразвиени западни земји предводени од САД.

„Азербејџан официјално поднесе барање за членство во БРИКС“, соопшти портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ајкан Хиџизада.

Интересот за членството на Азербејџан во БРИКС наведен е во заедничката декларација со Кина за воспоставување стратешко партнерство меѓу двете земји, која беше потпишана во текот на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Астана на почетокот од јули годинава.

Во неа беше нагласена желбата на Азербејџан да му се приклучи на БРИКС и беше истакнато дека Кина го поздравува тој интерес.

Во заедничката декларација усвоена во текот на неодамнешната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Азербејџан на 18-тии 19-ти август, исто така, беше истакната поддршката на Русија за членството на Баку во блокот.

Повеќе од деценија блокот ги вклучуваше само петте земји по кои го доби името. Меѓутоа, годинава во јануари му се приклучија Иран, Обединетите Арапски Емират, додека Саудиска Арабија, Турција, Алжир и други земји потврдија дека разговараат за таков чекор, а Аргентина по смената на власта на почетокот од годинава го повлече своето барање за членство.

На почетокот од јуни беше објавено дека БРИКС разгледува околу 30 барања од различни земји, кои предлагаат воспоставување на различни форми на соработка.