Азербејџан: Силно тресење на земјата ги принуди луѓето да излезат на улица, паника меѓу жителите на главниот град
Силен земјотрес со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала го погоди Азербејџан доцна во понеделникот, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар, предизвикувајќи паника кај луѓето кои веднаш истрчале на улиците.
Земјотресот со јачина од 5,4 степени се случил на длабочина од 35 километри, а епицентарот бил на 46 километри од брегот на провинцијата Хачмаз во Каспиското Море.
Земјотресот бил почувствуван во главниот град Баку, како и во некои други околни региони. Сепак, по земјотресот нема опасност од цунами.
Според првите проценки засега нема пријавени жртви, а земјотресот се случил околу 22 часот по наше време.
Судејќи според видеата кои беа објавени на Твитер, силниот земјотрес ги натера граѓаните да ги напуштат домовите, во страв од можно дополнително тресење на земјата.
Исто така, судејќи според видеата, земјотресот предизвикал материјална штета на згради и автомобили, додека на подот било расфрлано стакло.
Направените штети на згради и автомобили ќе се проценуваат подоцна.