Азербејџан: “Ќе ги амнестираме оние ерменски борци кои ќе го предадат оружјето“

Азербејџан предвидува амнестија за ерменските борци од Нагорно-Карабах кои ќе го предадат своето оружје, иако некои ветија дека ќе го продолжат својот отпор, порача за медиумската агенција Reuters советник на азербејџанскиот претседател откако азербејџанските сили ја презедоа енклавата оваа недела.

Молскавично брзата 24-часовна воена операција на Азербејџан ги принуди етничките Ерменци во Нагорно-Карабах да го прифатат понижувачкиот договор за прекин на огнот во средата што поттикна повици за оставка на ерменскиот премиер Никол Пашинјан.

Иднината на Нагорно-Карабах и неговите 120.000 етнички Ерменци виси на конец: Азербејџан сака да го интегрира отцепениот регион, но етничките Ерменци велат дека светот ги оставил на судбина која може да вклучи етничко чистење.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев вети дека ќе ги гарантира нивните права, но кажа дека неговата железна тупаница ја турнала идејата за независен етнички Нагорно-Карабах во историјата и дека регионот ќе биде претворен во „рај“ како дел од Азербејџан.

Хикмет Хаџиев, советник за надворешна политика на азербејџанскиот претседател, изјави за Reuters во телевизиско интервју дека Баку планирал амнестија за оние борци од Нагорно-Карабах кои ќе го предадат оружјето.

Дури и кога станува збор за поранешни војници и борци, ако може да се класифицираат како такви, па дури и за нив предвидуваме амнестија или алудираме на амнестија“, вели Хикмет Хаџиев.

Правата на Ерменците од Нагорно-Карабах ќе бидат почитувани како дел од нивната интеграција во Азербејџан“, вели тој, додавајќи дека тие побарале хуманитарна поддршка, како и снабдување со нафта и бензин. 

Во моментов гледаме дека некои поединечни воени групи и офицери дадоа јавни изјави дека нема да се согласат со нашите услови и дека ќе продолжат да пружаат отпор“, кажува тој.

Но, ние не го гледаме тоа како најголем проблем или голем безбедносен проблем. Се разбира, тоа ќе предизвика некои проблеми, но не во толку големи размери“, додаде тој.

Нагорно-Карабах е меѓународно признат како дел од Азербејџан со мнозинско муслиманско население, но неговото христијанско ерменско население одржува де факто независност откако се отцепи во војната во 1990-тите по распадот на Советскиот Сојуз.

По војната во 2020 година, во која победи Азербејџан, ерменскиот лидер Никол Пашинјан беше принуден да ја прифати контролата на Азербејџан на многу поголема територија.

Тврдењето на победата на Азербејџан претставува уште еден пресврт во турбулентната историја на планинскиот Нагорно-Карабах, кој со векови е под влијание на Персијците, Турците, Русите и Советите.

Многу од 120.000 Ерменци во Нагорно-Карабах велат дека биле напуштени од Русија, Западот и самата Ерменија – и постојано рекоа дека се плашат од прогон од Азербејџан поддржан од Турција.