Ако не ги убијат бомбите, ќе умрат од глад! Луѓето во Газа плачат и врескаат од очај: „Не знаеме што да правиме“

Мелницата за производство на пченично брашно Ал-Салам Милс во Газа работи со капацитет од 25 отсто поради недостиг на електрична енергија и гориво и наскоро би можела целосно да престане да работи, изјави портпаролот на Ал Салам Милс, Абдулалим Авад.

– Не знаеме што да правиме, не можеме да произведеме доволно брашно за 2,2 милиони луѓе  – рече Авад и ја повика меѓународната заедница и хуманитарните организации брзо да интервенираат и да најдат решение, пренесува Си-Ен-Ен.

На видеото објавено од Си-Ен-Ен, се гледаат стотици луѓе како стојат надвор од мелницата со надеж дека ќе добијат брашно, а многумина од нив плачат и врескаат од очај.

Авад тврди дека околу 90 отсто од пекарите во Газа сега се затворени поради воздушни напади.

Ал-Салам Мелс е единствената од петте мелници кои сè уште работат во јужниот дел на Газа , а пред почетокот на војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, таа мелница можеше да обработува 480 тони пченица дневно или 300 тони брашно, додаде Авад, објаснувајќи дека сега се ограничени на 75 тони дневно.

Минатата недела Обединетите нации објавија дека сите пекари во северниот дел на Појасот Газа биле принудени да затворат.