Актерот Драган Бјелогрлиќ со солзи: Им должиме на младите во Србија да им обезбедиме вистина и правда

Актерот Драган Бјелогрлиќ им се обрати на присутните на протестите „Србија против насилството“ во Белград.

– Мислам дека денес нè има повеќе од кога било, денеска сакам да им се обратам особено на младите од Србија. Пред еден месец имавме трагедија каква што нашата нација не памети, тагата за млади изгубени животи ќе трае долго и веројатно никогаш нема да ја преболиме, а и не треба. Сите несреќи и злосторства што си ги направивме на себе и на другите се собраа во таа една горчина што падна врз оние невини суштества кои никогаш никому не му наштетиле. Ако има дно, го допревме тој ден. Но, фактот што вие младите излеговте на улица со порака дека повеќе нема да живеете во ова заболено општество, дава надеж дека може да се кренеме од тоа дно – изјави актерот Драган Бјелогрлиќ.

Актерот тогаш низ солзи изјави дека „им должиме на младите од Србија и на децата на Рибникар да им обезбедиме вистина и правда, да им обезбедиме општество кое не можевме да им го обезбедиме во текот на нивниот живот“ и ги повика младите од Србија да не се откажуваат.