Активен еден пожар, изминатото деноноќие изгаснати 22 пожара

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека од утринава активен е само еден пожар, во селото Бучинци, а изминатото деноноќие се изгаснати 22 пожара.

На бројот 112 во ЦУК е добиена пријава за пожар на стрниште во селото Бучинци на 200 метри од црквата, по што веднаш се информирани пожарникарите од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје.

Утринава, од ЦУК информираа дека изминатото деноноќие се изгаснати 22 пожари.

Шест пожари кои опфатиле ниска вегетација биле регистрирани во Општина Куманово кај селата Брзак, Ропалце, Ваксинце, Ропалце – Умин дол, Рамановце и Средорек, три пожари имало во Општина Гостивар – во населбата „Циглана“, како и во селата Чајле и Дебреше, а зафатиле ниска вегетација и сува трева, по два пожара имало во Град Скопје (Карпош) и Општина Новаци, додека по еден пожар е регистриран во општините Новаци, Ресен, Крушево, Прилеп, Дебар, Брвеница, Кичево, Штип и Пробиштип.

Според ЦУК, во Карпош пожари избувнале покрај улицата „Скупи“, како и кај новиот пат Сарај – Рашче, зафаќајќи сува трева, во Новаци пожари биле пријавени кај село Далбеговци каде горела сува трева и кон Рибарци во месноста „Ергела“ каде гореле стрништа, во општина Ресен пожари имало кај село Стење – Галичник, а зафатена била борова шума, во општина Крушево кај село Св. Митрани – гореле сува трева, отпад и капинки. Пожари имало и во општина Прилеп на улицата „Три Багреми“ со зафатена сува трева, во општина Дебар кај село Коњари каде исто така горела сува трева, во општина Брвеница кај село Теново, а зафатени биле нива со пченка и сува трева, во општина Кичево гореле стрниште и сува трева кај местото „Бели Воденици“ кај фабриката „Копачка“, во општина Штип кај село Мојанци и во општина Штип кон езерото Мантово горело стрниште, додека во општина Пробиштип пожар избувнал во селото Ратавица каде била запалена нива.