Активности за почеток на организиран скрининг за колоректален карцином, се прават проценки за имплементација на скрининг на простата

 Се одвиваат активности за почеток на организиран скрининг за колоректален карцином, а се прават проценки и напори и за имплементација на скрининг на простата, изјави заменик министерката за здравство, Маја Манолева на синоќешната едукативна трибина во Кавадарци, на тема „Не чекај, превенирај! Заедничка борба за женско и машко здравје”.

Заменик министерката рече дека, кога здравјето е во прашање, партиските и политичките разлики не смеат да го попречуваат патот, туку треба да биде универзално основно право за сите граѓани. 

– Со цел да се спречи ракот на дојка кај жените и да се обезбедат навремени и соодветни прегледи, разработени се посебни протоколи. Тие согласно клиничката слика на жената, вклучуваат контролни прегледи пред и по операција, како и онколошки третмани, како и протоколи за жените кои се без симптоми и не се во возрасна група во скрининг програмата, а сакаат да направат преглед на дојка. На тој начин, со системско опфаќање на жени во рамки на скрининг програмата, ќе се ослободат нови термини за ЕХО и мамографија, за жени со симптоми и промени на дојката, рече таа. 

Додаде дека во националната скрининг програма се опфатени жените на возраст од 45 до 69 години кои не направиле мамографија последните две години, како и жените на возраст од 40 до 44 години кои имаат член во семејството со рак на дојка и или друг дополнителен ризик фактор. 

– Скрининг мамографијата е бесплатна за жените во програмата, бидејќи партиципацијата ја покрива Министерството за здравство. Исто така, токму во насока на унапредување на женското здравје, функционира и организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка, каде пријавувањето е преку веб платформата skrining.mk, подвлече заменик министерката. 

Манолева додаде дека со организиран скрининг, оваа година се опфатени и жените на возраст од 21 до 59 години кои во последните три години немаат направено ПАП тест. Таа посочи дека прегледот во рамки на скринингот за оваа возрасна група е бесплатен, а можноста за превентивен преглед за рана детекција на рак на грло на матка досега ја искористиле 40 илјади жени.

На трибината организирана од СДСМ, говореа и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на Клиниката за урологија Сашо Дохчев, професорот на Медицинскиот факултет Марјан Стојовски, директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар Александар Трајановски и директорот на Општата болница Кавадарци, Диме Коцев.