Акциите на „Дизни“ пораснаа за повеќе од 26 отсто само за месец февруари, и тоа благодарение на успехот на „Аватар 2“.
Продолжението на филмот со најголема заработка во историјата, беше објавен пред шест седмици, а веќе заработи две милијарди долари ширум светот. Номинациите за „Оскар“ доаѓаат напоредно со предвидувањата дека овој филм наскоро ќе го надмине „Титаник“ како втор филм со најголема заработка во историјата. Првиот „Аватар“ од пред 14 години има заработка од три милијарди долари.
Подготовките за „Аватар 3“ се веќе почнати, „Аватар 4“ е веќе со напишано сценарио, а се планира и петти дел. Сѐ тоа укажува дека „Дизни“ ќе има нов прилив на пари наредниве години.
Но, иако успехот на филмот е нешто за што сите зборуваат, „Дизни“ успева и во другите свои потфати. И стрим-платформата „Дизни плус“ е во постојан раст, при што бројот на претплатници се зголеми за повеќе од 12 милиони последното тримесечје од 2022 година. Компанијата има за цел да се натпреварува со „Нетфликс“„, а некои аналитичари проценуваат дека „Дизни плус“ ќе има повеќе од 200 милиони претплатници до 2025 година.