АЛБАНИЈА ДЕНЕС ВРАТИ 20 УКРАДЕНИ ИКОНИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ ЦРКВИ – За пет години украдени се повеќе од 100 икони од струшкиот регион

Албанија денес ќе и врати на Македонија 20 икони украдени од македонските цркви, главно од струшкиот регион, како дел од договорот за соработка меѓу двете земји што беше потпишан минатата година.

Оваа информација за МИА ја потврдија од тимот кој работи на проектот, а повеќе детали најавуваат откако иконите ќе пристигнат во земјава.

За првпат во историјата на нашата земја е постигната успешна реституција на културното наследство благодарение на добрата соработка на владите и министерствата за култура на Северна Македонија и Албанија“, соопштија од Министерството за култура.

Како што појасни министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, иконите ќе бидат соодветно спакувани за да не се оштетат при транспортот и по завршување на процесот на заштита ќе бидат изложени во музејот „Македонија“, а потоа вратени во МПЦ.

Во Македонија, од 2009 до 2013 година, е забележан бран насилни напади врз цркви, особено во западна и југозападна Македонија, од каде беа земени стотици икони.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека само во струшко во тој период биле пријавени 22 кражби на икони од цркви.

Постапката за враќање на украдените икони во земјава од Албанија започна во 2013 година, а активностите се интензивирани во последните две години.

Незаконските земени икони од македонските цркви, македонските експерти случајно ги забележаа во 2013 година за време на емисија со премиерот Еди Рама на албанска телевизија.

По завршувањето на ова, се планира да се отвори нов процес на враќање на уште еден контингент идентификувани икони од Албанија.