– Во изминатите четири години, од кога почна да се применува владината одлука, во Албанија бебешки бонус добиле над 164 илјади новороденчиња, објави на Фејсбук, албанскиот премиер Еди Рама.
-Досега поддржавме над 164 илјади бебиња, кои го искористија бебешкиот бонус, од јануари 2019 година, ви посакувам убав неделен ден, напиша премиерот Рама на Фејсбук.
Споредено со вкупната бројка објавена во јануари минатата година кога за три години биле доделени над 140 илјади ваучери, произлегува дека минатата година ова право го оствариле 24 илјади бебиња.
Бебешкиот бонус е дел од социјалната политика што Владата ја спроведува од 1 јануари 2019 година и ги поддржува младите семејства, без разлика на социо-економскиот статус. Ова право го остваруваат деца регистрирани во матичната книга на родените во Албанија, без разлика дали се родени во земјата или во странство.
Родителите на новороденчињата го добиваат ваучерот во породилиштето каде што вршат итна регистрација на детето, избегнувајќи ги сите „доцнења и бирократски однесувања што се случувале претходно“.
Со владината програмата родителите на првородено дете добиваат бонус во износ од 40 илјади леки (над 340 евра), за второродено 80 илјади, а за третородено дете и понатаму по 120 илјади леки. Доколку се близначиња, тројка или повеќе бебиња, секое добива по идентичен износ.
Премиерот Рама, најави дека Владата и во текот на годинава ќе исплаќа бебешки бонус за секое новороденче.