– Генералните директори на албанската и црногорската полиција, Мухамет Румбулаку и Никола Терзиќ потпишаа протокол за соработка во текот на годинешната туристичка сезона.
Средбата на официјални претставници на меѓудржавно ниво датира од 2012 година и ваков тип на соработка меѓу Црна Гора и Албанија се договара секоја година.
За време на потпишувањето на протоколот во Подгорица, Румбулаку високо ја оценил соработката меѓу полициите на двете земји и подготвеноста за зајакнување на соработката во области од заеднички интерес, вклучително и за време на туристичката сезона.
– Ангажманот на албанските полицајци на црногорското крајбрежје значително ќе придонесе, не само албанските граѓани да се чувствуваат побезбедни, туку и Црногорците и граѓаните од другите земји кои престојуваат во Црна Гора за време на туристичката сезона. Истото тоа важи и за ангажираноста на црногорските полициски службеници на албанското крајбрежје, изјави Румбулаку.
Неговиот колега, Терзиќ изрази особено задоволство за успешно спроведените активности во борбата против шверцот со дрога, кои успешно се спроведувале.
– Црногорската полиција останува посветена на зајакнување на регионалната соработка, бидејќи само со заедничка акција и размена на оперативни информации, борбата против организираните криминални групи може да постигне конкретни резултати, наведе Терзиќ.
На средбата на двете делегации се разговарало и за повеќе теми, меѓу другото, за прашања за конкретна соработка во борбата против организираниот криминал, шверцот, илегалната имиграција и трговијата со луѓе.
Заедничка оценка е дека службите за спроведување на законот на Црна Гора и Албанија се подготвени да се справат со сите форми на организиран и прекуграничен криминал.