Албанските социјалисти доставија до Парламентот, Резолуција за нападот во северниот дел на Косово во која се бара Србија да ги предаде криминалците

Албанската владејачка Социјалистичка партија до Парламентот достави резолуција за осуда на вооружениот напад на северот на Косово, во која меѓу другото се бара Србија да ги предаде криминалците, јави Топ чанел.

– Барање за одобрување на Предлог-резолуција „За осуда на вооружениот терористички напад на северот на Република Косово и поддршка на напорите за гарантирање на безбедноста и мирот во земјата и во регионот“ – стои во барањето до Законодавниот дом.

Во Резолуцијата меѓу другото стои дека се бара Србија да отвори транспарентна истрага за организаторите на нападот на Косово и да ги предаде криминалците. Исто така, СП бара КФОР да го зголеми присуството на своите војници на северот на Косово.

-Партнерите треба да извршат влијание за да и се спротивстават на Србија поради улогата што ја имаше во нападот. САД и ЕУ да алармираат за да ја спречат опасноста што ги загрозува мирот и безбедноста на Косово, се наведува меѓу другото во резолуцијата.

Во меѓувреме опозициските демократи побараа посебна седница на која премиерот Еди Рама ќе одговара на прашања околу неговите изјави за последните случувања во Косово.