Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев го осуди нападот врз амбасадата на неговата земја во главниот град на Иран и го опиша како терористички чин, пренесоа агенциите.
„Силно го осудувам терористичкиот акт извршен денеска врз нашата амбасада во Техеран. Бараме најбрза можна истрага за овој терористички чин и казнување на терористите. Терористичките напади врз дипломатските претставништва се неприфатливи, напиша Алиев на Твитер.
Претходно денеска азербејџанското Министерство за надворешни работи соопшти дека вооружен напаѓач го застрелал шефот на обезбедувањето на Амбасадата во Иран и ранил две лица откако пукал со автоматска пушка „калашников“.
Министерството соопшти дека ќе го евакуира персоналот на Амбасадата во Техеран.