Алиу за инцидентот во психијатриската болница Бардовци: Имаме недостаток на инвестиции во здравството
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека случајот ја потврдува потребата од зајакнување на човечките ресурси во болницата, но без конкретно да каже кога и што ќе се преземе за да се спречат вакви инциденти.
„Таму се потребни инвестиции, како во однос на инфраструктурата, така и во однос на зајакнувањето на човечките капацитети таму. За жал, овој настан ќе го забрза процесот, но треба да учиме и јас сум за министерството да спречува, а не да дејствува по вакви случаи. Нека ова биде уште една лекција дека инвестициите во здравството се неопходни за процесите да бидат одржливи и услугите да се обезбедуваат во реално време. За жал, ова се случи овде, постапката е во тек“, рече Азир Алиу, министер за здравство.
Министерот Алиу самиот ја посети болницата пред месец и половина, каде што беше разочаран од условите во кои се лекуваат пациентите, но и во кои работи медицинскиот персонал, по што на социјалните мрежи напиша дека е потребен итен системски одговор.
Болницата Бардовци веќе подолго време се соочува со низа предизвици, системски, инфраструктурни, организациски, но и кадровски…
По инцидентот, болницата само накратко објави дека 35-годишниот пациент сега е под полициски надзор по наредба на надлежниот обвинител и дека во интерес на истрагата не можат да споделат повеќе информации.