Алиу: За пациентите од онкологија, влезот на новиот паркинг на Клиниката ќе биде бесплатен

Министерот за здравство, Азир Алиу, најавува дека ќе има четири различни влеза на новиот паркинг на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, односно за онколошки пациенти влезот ќе биде бесплатен, за пациенти со упат влезот ќе биде поевтин, додека за вработените ќе има трета цена. За граѓаните кои доаѓаат од x причини ќе има друга цена која ќе биде најскапа.

„Ценовниот список за паркирање нема да биде ист за сите, почнувајќи од нула денари до цени за граѓани кои не се пациенти“, рече денес Алиу.

Во одговор на новинарско прашање во врска со изградбата на новиот паркинг кај Клиниката, министерот рече дека повеќе детали ќе објави на прес-конференција следната недела, но, рече тој, она што може да го каже во овој момент е дека договорот ќе биде потпишан со Јавното претпријатие Градски паркинг, кое досега управуваше со паркингот кај Клиниката.

„Очекуваме во текот на денот да биде потпишан договорот меѓу Министерството за здравство и Јавното претпријатие Градски паркинг. Засега, без потпишување договор и конкретни чекори, не сакав јавно да излегувам со информации… Исто така, ќе бидат отворени дополнителни влезови, еден од нив ќе биде отворен во Кардиологија за да можат пациентите на кои им е потребна интервенција во таа Клиника директно да влегуваат таму. Излезите ќе бидат исти, бројот на паркинг места ќе биде двојно поголем од сега, поради проширувањето на просторот. Засега нема да има изградба на нова цврста или монтажна зграда, бидејќи проценуваме дека со ова проширување бројот на паркинг места ќе биде повеќе од доволен“, рече Алиу.