АЛКАРАЗ ПОВТОРНО ЗА НОВАК: „Кога е на сто проценти, тогаш е најдобар на светот“

Шпанецот цели кон нова титула…

Првиот светски рекет Карлос Алкараз прави големи чекори кон уште една титула. Младиот шпански тенисер до четвртфиналето стигна со победата од 6:4, 6:4 над Томи Пол од САД, што значи дека му делат три победи да остане на врвот на АТП листата и по Мајами.

Тенисерот од Мурсија беше прашан за изјавата на Новак Ѓоковиќ од Дубаи, кога Србинот рече дека кога е во најдобра форма знае дека е најдобар на светот.

– Знам дека кога сум подготвен, кога играм на која било подлога и против кој било, дека сум подобар. Јас сум најдобар. И не мислам дека има ништо арогантно и претенциозно во тоа што го кажувам – изјави тогаш Новак.

Тој и Алкараз играа само еднаш, лани во полуфиналето на Мастерсот во Мадрид кога Шпанецот успеа да направи пресврт и да победи со 6:7 (5), 7:5, 7:6 (5).

Алкараз вели дека се согласува со Новак за таа изјава.

– Играв со Новак кога тој беше на сто проценти. Би рекол дека во Мадрид минатата година играше многу, многу добро. Беше навистина тесно. И јас се согласувам со него. Кога е на сто проценти, тогаш веројатно е еден од или најдобрите тенисери во светот – вели Алкараз.

Младиот тенисер беше особено импресиониран од настапот на Ѓоковиќ на првиот Грен слем сезонава, во Мелбурн.

– Она што го постигна е одлично. Неговото ниво, на пример во Австралија, беше неверојатно, беше на навистина високо ниво. Како што реков претходно, сакам да играм со Новак кога тој е на 100 проценти и сигурен сум дека тогаш ќе уживам во тоа. Тоа е се што можам да кажам сега – заврши Алкараз.

Во четвртфиналето ќе се соочи со Американецот Тејлор Фриц.