Амбасадата на Туркије ја координира хуманитарната помош со Црвениот крст

Амбасадорот на Република Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, денеска посети една од просториите на Црвениот крст на Република Северна Македонија, каде што одржа средба со генералниот секретар Саит Саити.

По средбата, амбасадорот Секизќок и генералниот секретар Саити одржаа заедничка прес конференција, на која говореа околу соработката во испраќањето на хуманитарната помош по катастрофалните земјотреси во Туркије.

Амбасадорот Секизќок во својот говор рече дека Туркије се соочува со една од најголемите природни катастрофи во својата историја, додавајќи дека двата големи земјотреси кои се случија на 6 февруари причинија огромни штети во 10 града во кои живеат милиони турски жители.

Амбасадорот Секизќок објасни дека турската држава со сите свои институции, невладини организации и илјадници доброволци ги врши потребните дејности во насока на заштита, спасување и обезбедување на потребите на лицата засегнати од земјотресите во областите погодени од природните катастрофи.

„Владата, институциите и целиот народ на братска Северна Македонија, паралелно со Туркије, се мобилизираа за закрепнување на раните. Екипите за спасување и заштита од Северна Македонија веќе се пристигнати во Туркије со цел поддршка на споменатите активности. Во најскоро време ќе бидат испратени и дополнителни екипи. Би сакал да изразам благодарност до Владата и народот на Северна Македонија за искажаната силна солидарност“, рече Секизќок.

Тој додаде дека Владата на Северна Македонија изрази подготвеност за секаков вид поддршка за пренесување на материјална хуманитарна помош составена од зимска облека, ќебиња, конзервирана храна и храна за бебиња во засегнатите региони.

„Амбасадата и Црвениот крст на Северна Македонија се во тесна соработка за собирање и пренесување на материјалната помош во Туркије. Ја користам можноста да им се заблагодарам на сите надлежни лица на Црвениот крст на Северна Македонија“, истакна Секизќок.

Тој додаде дека транспортот на собраната материјална помош се планира да се реализира преку копнен и авиотранспорт. „Авиотранспортот на собраната материјална помош“, рече Секизќок, „ќе се реализира бесплатно и во координација на Амбасадата и „Турк Хавајолари“.“

„На социјалните мрежи на Амбасадата е достапно упатство подготвено од страна на македонскиот Црвен крст за листата на потребната помош, како и процедурите кои здруженијата и лицата треба да ги следат за доставување на помошта до Црвениот крст“, нагласи Секизќок.

На крајот на неговото обраќање, амбасадорот изразува најсрдечна благодарност до Владата, институциите и народот на Северна Македонија, додавајќи дека „турскиот народ секогаш со благодарност ќе се сеќава на искажаната солидарност и поддршка“.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити, изјави дека организацијата со која раководи тој, се мобилизира веднаш од понеделникот во функција на обезбедување хуманитарна помош и поддршка за турскиот народ.

Тој најпрвин изрази големо жалење и сочувство до турскиот народ, до турската држава и до семејствата кои настрадаа и ги изгубија најблиските, посакувајќи, исто така, брзо закрепнување на повредените.

„Во текот на вчерашниот ден обезбедивме речиси 10 милиони денари финансиски средства кои се прилози на нашите граѓани, дел од повиците на телефонскиот број 143-400, и тоа над 3,3 милиони денари, што е апсолутен рекорд досега од сите активности што ги правиме во овој правец, и уплати од граѓаните и од компаниите во висина од 6,5 милиони денари“, рече Саити.

Тој појасни дека дополнително е обезбедена првична материјална хуманитарна помош од резервите на Црвениот крст на Северна Македонија, која се состои од 1.000 пакети со храна, 1.500 пакети со хигиена и 4.000 ќебиња. „Оваа хуманитарна помош“, додаде тој, „ќе биде испратена во соработка со Турската полумесечина на почетокот на следната недела.“

Во меѓувреме, тој апелира сите индивидуални иницијативи да се пренасочат во парични средства, со цел постигнување на максимален ефект на хуманитарната помош.

„Присутни се многу иницијативи, индивидуални и од разни организации кои сакаат да помогнат. Тоа е за почитување и за поздравување и тука нема ништо спорно. Спорното е во тоа што таквата хуманитарна помош која би се собирала на таквите пунктови, на тој начин, е невозможно да се испрати во Република Туркије поради одредени царински ограничувања“, додаде Саити.

AA