Американскиот претседател Џо Бајден и лидерот на републиканското конгресно мнозинство, Кевин Мекарти , постигнаа начелен договор по макотрпните обиди да се зголеми лимитот на американскиот јавен долг од 31,4 трилиони долари, со што се спречи банкрот на владата.
Договорот беше објавен без никакво славење, што покажува колку тешки биле разговорите и дека договорот допрва треба да се протурка низ Претставничкиот дом и Сенатот.
„Само што телефонирав со претседателот. По неколку месеци кога тој губеше време и одбиваше да преговара, денеска постигнавме начелен договор достоен за американскиот народ“, рече Мекарти.
„Договорот е важен чекор напред, но е и компромис. А тоа значи дека нема секој да го добие она што го сака. Тоа е одговорност на владеењето“, рече Бајден.
Договорот ќе го зголеми законскиот лимит на јавниот долг на САД, кој сега изнесува 31,4 трилиони долари, за две години.
Сè уште треба да се разработат некои детали, но Мекарти очекува законот да биде напишан во недела и би можел да се гласа во среда.
Тој пред новинарите изјави дека договорот вклучува историско намалување на јавната потрошувачка и додаде дека нема да има нови даноци и нови владини програми.
Доколку Бајден и Мекарти не постигнаа договор за подигање на плафонот на националниот долг, кој моментално изнесува 31,4 трилиони долари, САД би можеле да се најдат доцна или неспособни да ги исполнат своите финансиски обврски, без разлика дали се однесуваат на платите, пензиите или бенефициите за своите вработени.
Според економистите, ова невидено сценарио би било синоним за голема рецесија и колапс на пазарот во САД, со можна „зараза“ која би се проширила на целата глобална економија.
Бајден, Мекарти и нивните тимови мораа многу внимателно да најдат компромис за да го поминат низ поделениот Конгрес, каде републиканците на Мекарти имаат мнозинство од Претставничкиот дом со 222-213, а демократите на Бајден го контролираат Сенатот со тесно мнозинство од 51-49.
Најтешко ќе биде да се задоволи десното крило на Републиканската партија, кое сака остри кратења на јавната потрошувачка, и левото крило на Демократската партија, кое, пак, би го намалило долгот со повисоки даноци за богатите и компаниите.