– Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Израел има право да се брани, но упати апел и за заштита на цивилите.
„Исистираме дека Израел не само што има право, туку и должност да се брани, и да направи сѐ што е можно да спречи (напади како) нападот на 7 октомври“, изјави тој за време на средбата со израелскиот претседател Исак Херцог во Тел Авив, мислејќи на нападот на Хамас во Израел што го поттикна сегашниот конфликт.
„Од клучна важност е кога станува збор за заштита на цивилите мора да се направи сѐ за да се осигури нивната безбедност“, додаде Блинкен, објавија израелските медиуми.
Блинкен пристигна во Тел Авив денес, што е трета негова посета на Израел од почетокот на конфликтот.
Тој подоцна се сретна со премиерот Бенјамин Нетанјаху во Министерството за одбрана во Тел Авив, соопштија од Кабинетот на премиерот.
И покрај тоа што се најсилниот сојузник на Израел, Соединетите Американски Држави (САД) ја чувствуваат жестокоста од протестите низ светот поради неколкунеделните израелски напади врз Газа, во кои загинаа илјадници Палестинци, меѓу кои многу жени и деца.
Укажувањето на Блинкен кон потребата да се заштитат цивилите можеби значи изнаоѓање начин да се реши тоа, иако критичарите би можеле да го сметаат повеќе како половична мерка отколку вистински обид да се запре растечкиот број на жртви во Газа.