Американскиот Стејт Департмент ја одобри продажбата на авионите Ф-16 на Република Турција

– Министерството за надворешни работи на САД во петокот ја одобри продажбата на борбените авиони Ф-16 и комплетот за модернизација на овие авиони за Република Турција во вредност од 23 милијарди долари, и за тоа формално го извести американскиот Конгрес.

Одобрувањето на продажбата следеше откако Турција ги предаде документите во врска со протоколот за членство на Шведска во НАТО, по ратификувањето од страна на турскиот парламент во вторникот.

Турција во октомври 2021 година упати барање до САД за купување на најновата верзија на авионот F-16 Block 70, како и 79 комплети за модернизација и надградба на авионите што веќе ги има во својата флота.

Стејт Департментот и во јануари минатата година неформално го извести Конгресот за продажбата на борбените авиони F-16 на Република Турција, но пратениците во Капитол Хил го условуваа тој договор со турското одобрување на приемот на Шведска во НАТО.

Конгресот има право да вложи приговор на одлуката на Стејт Департментот во рок од 15 работни дена.

Претседавачот со Комитетот за надворешни работи во Сенатот, Бен Кардин, изјави дека ќе биде дозволена продажбата откако Анкара го ратификувала одобрението за прием на Шведска во НАТО.

Сенаторот Џим Риш, високо рангиран член на Комитетот за надворешни работи, изјави кон крајот на октомври дека ќе се откаже од приговорот за продажба откако претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган дал зелено светло за приемот на Шведска во НАТО.