Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Бил Клинтон, му рече на рускиот претседател Владимир Путин во 2000 година дека проширувањето на НАТО нема да претставува закана за Москва и вети дека ќе ја разгледа можноста Русија да се приклучи на воениот сојуз.
Ова го покажуваат декласифицираните документи објавени од истражувачката организација „Архива за национална безбедност“ при Универзитетот „Џорџ Вашингтон“.
„Од почетокот на процесот на проширување на НАТО, знаев дека ова може да биде проблем за Русија. Бев чувствителен на ова прашање и сакам да бидам јасен дека проширувањето на НАТО во никој случај не претставува закана за Русија“, се цитира Клинтон во транскриптот од разговорот со Путин во Кремљ на 4 јуни 2000 година.
Документот, според податоците, го подготвила Белата куќа.
„Сериозен сум кога велам дека сум подготвен да разговарам за членството на Русија во НАТО“, рече 42-от претседател на САД.
„Разбирам дека внатрешните околности во Русија во моментов го прават ова невозможно, но со текот на времето, Русија мора да биде дел од која било организација што го држи цивилизираниот свет заедно. Ако нашите наследници се фокусираат едни на други како главни закани, ќе ја изгубат можноста заеднички да решаваат други проблеми. Разбирам дека за многу Руси НАТО сè уште има негативна конотација. Сепак, се надевам дека ќе видите дека земјите од Централна Европа не се чувствуваат загрозени од Русија. Сакаме да помогнеме. Особено сега кога мора да се обидеме да постигнеме договор за тоа како ќе изгледа светот во следните десет години. Сериозен сум во врска со овој предлог“, се вели во изјавата на Клинтон.
Клинтон додаде дека е задоволен од обновувањето на соработката меѓу Русија и НАТО, бидејќи таа целосно се врати во нормала.
Инаку, документите покажуваат дека настанот се случил нешто повеќе од една година по нападите на НАТО врз Србија за да се запре етничкото чистење на Албанците во Косово, што ги влоши односите меѓу САД и Русија.