Американски ловци пресретнаа авион во близина на резиденцијата на Џо Бајден

Во саботата, американски воен авион пресретна цивилен авион северно од резиденцијата на американскиот претседател Џо Бајден во Вилмингтон, Делавер, пренесува Politico.

Приватниот авион навлезе во ограничен воздушен простор веднаш по 14 часот, изјави Ентони Гуглиелми, шеф за комуникации на американската тајна служба. По пресретнувањето, авионот слетал на блискиот аеродром.

– За секој случај беа употребени средства за пресретнување и безбедно слетување на цивилен авион на блискиот аеродром. Немаше влијание врз движењето на заштитеното лице поради овој инцидент, а агентите на американската тајна служба ги истражуваат деталите во соработка со FAA (Федералната управа за авијација), рече тој.

Бајден овој викенд е во Вилмингтон, а по инцидентот присуствуваше на богослужба во локална црква.