Антикорупциска отвори случај за тендери во Министерството за дигитална трансформација

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе утврдува дали има конфликт на интереси во случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација.

„Вчера, по пишувањата во медиумите, Антикорупциската комисија самоиницијативно отвори предмет и ќе продолжи да утврдува дали има конфликт на интереси“, кратко изјавија за МИА од Антикорупциската комисија.

Опозициската СДСМ во понеделникот го обвини министерот Стефан Андоновски за судир на интереси, непотизам и сомнежи за корупција во врска со две јавни набавки вредни 50 илјади евра кои беа доделени на фирма во сопственост на сопругот на државниот секретар во тоа министерство.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во понеделник на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на СДСМ за судир на интереси, додавајќи дека Министерството се залага за транспарентност, отчетност и законитост во своето работење.

Андоновски рече дека државниот секретар во министерството не учествува во ниту една постапка за јавна набавка, во ниту една фаза, а нејзиниот ангажман е во административно-буџетското работење на Министерството и затоа нема простор за судир на интереси или влијание врз постапката од нејзина страна.