Апелација ја прифати жалбата на Мијалков, Кривичен повторно да одлучува дали да излезе предвреме од затвор

Апелација ја прифати жалбата на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков и го задолжи Кривичниот суд повторно да одлучува за неговото барање за условен отпуст, односно да излезе од затворот во Струга, пред истекот на казната.

-Апелациониот суд Скопје постапувајќи по жалба на осудениот С.М., од С., а изјавена преку Казнено-поправниот дом од отворен вид – Струга, донесе решение со кое жалбата се уважува, а предметот се укинува и се враќа на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд.

Инаку, уважувањето на жалбата на осудениот С.М. доаѓа откако претходно предлогот на директорот на Казнено-поправниот дом Струга за условен отпуст на осудениот беше одбиен како неоснован.

Согласно донесеното решение на Апелациониот суд – Скопје како недозволена ја отфрли жалбата на директорот на Казнено-поправниот дом од отворен вид – Струга, велат од Апелација.

Тригодишната казна затвор на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, му истекува во април следната година. Тој по спогодбата за случајот ,,Империја” во струшкиот затвор влезе на 22 август 2022 година, а во казната му се засметуваат и четирите месеци кои претходно ги помина во притвор.

Но наместо следната пролет, постои можност Мијалков наскоро да излезе на слобода, бидејќи веќе го искористил законското право кое му следува и побарал скратување на казната. Ваквото барање првично му било одбиено од Кривичниот суд, а сега Апелација побара повторно да одлучуваат.

Апелација претходно укина три пресуди против Мијалков за случаите „Трезор”, „Таргет- Тврдина“ за прислушувањето и „Титаник 2“ за изборни нерегуларности. Со измените на Кривичниот законик, тој и дефинитивно се спаси од казна затвор за „Таргет- Тврдина“ и „Титаник 2“, а „Трезор“, застарува годинава.

Тој беше осуден на казна затвор од една година и три месеци за ,,Плацеви на Водно”, но казната затвор од една година и три месеци Апелација му ја замени со условна.

Предвреме од затвор, пред неколку месеци, излезе и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Нејзиното барање за условен отпуст беше одбиено од Кривичниот суд, но Апелација и даде зелено светло и и ја скрати казната за 11 месеци.