По 104 часа од силниот земјотрес што ја погоди Турција, една жена е спасена жива во градот Кирихан, со овации и солзи радосници од присутните кои беа сведоци на спасувањето од урнатините.
Германските спасувачи внимателно ја извлекоа 40-годишната Зејнеп Кахраман на носилки од скршените блокови од бетон и искривен метал во градот Кирихан.
“Верувам во чуда сега. Можете да видите луѓе како плачат и се гушкаат еден со друг. Големо олеснување е што оваа жена беше извлечена во толку добра состојба во овие услови. Тоа е апсолутно чудо”, рече Стивен Баер, водач на Меѓународната потрага и спасувачкиот тим..
Потсетуваме, два силни земјотреси ги погодија Турција и Сирија за неколку часа еден од друг во понеделникот, уништувајќи градови и населби низ огромен дел од јужна Турција и северозападна Сирија. Тие набрзо станаа една од најтешките катастрофи на овој век, а бројот на жртви веќе надмина 20.000.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека попладнево ќе стапи на сила тримесечната вонредна состојба за да се забрзаат спасувачките и хуманитарните напори во провинциите погодени од земјотресот во Турција.
„Вонредната состојба ќе стапи на сила по денешното гласање во Парламентот“, рече Ердоган додека беше во јужната провинција Газиантеп, која исто така беше погодена од разорните земјотреси во понеделникот.
Ердоган истакна дека Турција прогласи тримесечна вонредна состојба во провинциите погодени од земјотресите со цел да се забрзаат операциите за пребарување и спасување.
Нашата земја е на терен со сите институции“, посочи тој.
Тој нагласи дека продолжуваат спасувачките операции во јужните региони на Турција погодени од земјотресите.
„Нашата цел е целосно закрепнување и реконструкција на десетте провинции погодени од земјотресот во рок од една година“, заклучи тој.