Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно го сврте вниманието кон проблемот со дивоградбите во општина Чаир. Во видео-обраќање од терен, таа покажа неколку бесправни градби и упати критики до локалната власт и надлежните институции за, како што рече, „толерирање на урбан хаос“.
„Во Чаир се гради спротивно на законот, а институциите молчат. Ова не е само урбанистички проблем, туку и прашање на безбедност и правна држава“, изјави Арсовска.
Таа истакна дека Град Скопје нема надлежност за постапување против дивоградби, бидејќи по закон нема сопствен градежен инспекторат. Надлежноста, според неа, ја имаат општинските инспектори и Државниот градежен инспекторат, како и Министерството за внатрешни работи во случај на кривични дела.
„Градот Скопје е единствена единица на локална самоуправа што нема градежен инспектор по закон“, напиша Арсовска на својот Фејсбук-профил.
Во своето обраќање, таа директно го повика градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, да објасни како дозволува бесправна градба во неговата општина. Исто така, побара од МВР да реагира на терен, обвинувајќи дека полицијата одбива да изврши увид во спорните градилишта.
„Благодарам на можноста, господине Мицкоски, да делувам едукативно на вас во овој случај и апелирам, сега откако ги знаете одговорностите и надлежностите, да постапите веднаш!“, му порача таа на премиерот.
Оваа изјава доаѓа по реакцијата на премиерот Христијан Мицкоски, кој ја повика Арсовска да преземе конкретни чекори наместо да се занимава со „филозофирање и гола реторика“.
Проблемот со дивоградбите во Чаир останува отворен, а јавноста очекува конкретни мерки од надлежните институции за решавање на овој долгогодишен урбанистички предизвик.