Асанж му пиша на кралот Чарлс: Почестен сум што престојувам во институција од светска класа наречена по вас
Основачот на Викиликс, австралискиот новинар Џулијан Асанж, му испрати на британскиот крал Чарлс Трети писмо во кое го поканува да го посети затворот на Неговото Височество „Белмарш“ и да види какви услови „од светска класа“ владеат таму.
Асанж иронично го опиша затворот со максимално обезбедување како место кое е „само краток лов на лисици од Стариот кралски поморски колец во Гринич“, порачувајќи му на британскиот крал дека „мора да е прекрасно“ да се има „толку ценет објект наречен по него“.
„Како политички затвореник, држен на задоволство на Вашето Височество во име на посрамениот странски суверен, почестен сум што престојувам во ѕидовите на оваа институција од светска класа“, продолжува Асанж. „Навистина, вашето кралство не познава граници“.
Затворениот новинар ги опишува „кулинарските уживања“ кои на затворениците им се служат во ќелиите, рекреативното користење лекови на рецепт, забраната за играње шах од „здравствени причини“, наездата на стаорци и самоубиството на еден од неговите пријатели – геј маж кој се обесил пред депортацијата во Бразил.
„Ве преколнувам, кралу Чарлс, да го посетите затворот на Неговото Височество „Белмарш“, бидејќи тоа е чест достојна за крал. Кога ќе го почнете своето владеење, секогаш да се сеќавате на зборовите од Библијата на кралот Џејмс: „Блажени се милостивите, бидејќи ќе добијат милост“. И нека милоста биде светлина која ќе го предводи вашето кралство, и надвор и во ѕидините на Белмарш“.
Асанж британските власти го уапсија во 2019 година, откако Еквадор му го одзема азилантскиот статус и им дозволи на полицајците да го изнесат од амбасадата во Лондон, каде се наоѓаше од 2012 година. На денот на апсењето, министерството за правда на Соединетите Американски Држави побара негова екстрадиција поради обвинувања за шпионажа, што би можело да резултира со смртна казна.
Асанж во моментов се бори против барањето за екстрадиција, а неговите адвокати вложија жалба на претходната одлука со која се одобрува екстрадицијата, како причина наведувајќи го влошувањето на здравствената состојба.
Обвинувањата против Асанж се резултат на неговата комуникација со свиркачи, меѓу кои најважен е Челси Менинг, кој во 2010 година на Викиликс му дал доверливи материјали со кои се откриваат американски воени злосторства во Ирак и Авганистан. Иако Асанж не ги хакирал лично овие материјали, обвинет е за нивното објавување.