Македонија го реши проблемот со името и штом постои решение, можеме да кажеме дека оди во правилна насока и можеме да прифатиме дека постои почеток на преговори со Северна Македонија, порача министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн по средбата во Атина со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.
Аселборн и Герапетритис на заедничката прес конференција, одговарајќи на новинарско прашање говореа за европската перспектива на Западен Балкан, а министерот за надворешни работи на Луксембург се осврна на напредокот на секоја од земја поеднечно и паралелно порача дека 20 години по Солунската агенда, должност и предизвик за ЕУ е да ги прифатиме овие земји.
-Балканот е двор на Европа, не е ниту на Саудиска Арабија, ниту на Русија, ниту на Турција, ниту на Кина. Треба да ги охрабриме балканските земји да го направат она што е изводливо,доколку сакаат да станат членки на ЕУ. Секоја земја има различни предизвици за решавање. Нивната иднина, за нивната младина го велам тоа, е во рамките на ЕУ. Па така, ќе треба да направат сè за да станат членки, бидејќи сега сме 20 години по Солун, рече Аселборн.
Шефот на грчката дипломатија уште еднаш ја повтори поддршката на Грција за ЕУ перспективата на регионот, објаснувајќи дека секоја земја има свои посебни карактеристики и мора да се почитуваат и условите поставени од институциите на Европската унија, а се осврна и на денешната средба со заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија.
-Денеска имав можност да разговарам со вицепремиерот на Северна Македонија за прашањата поврзани со проширувањето на Западен Балкан и особено со соседната земја, да ги констатираме прашањата што се појавуваат и да го пренесам темелниот став на нашата земја дека начелно се стремиме и ја охрабруваме интеграцијата на земјите од Западен Балкан во европското семејство, порача Герапетритис