АСОМ и „Сакам да работам“ ја поздравија одлуката на Пендаровски да не го потпише указот на Законот за игри на среќа
Тие апелираат и до движењето „Антикоцкање“ да не шири, како што велат, невистини и манипулации, посочувајќи дека затворањето на легалните објекти ќе предизвика отворање диви играчници по подруми, без контрола на државата. Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ ја поздравија одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпише указот за Законот за игри на среќа.
„Ова е уште една потврда дека одлуката да се гласа законот по скратена постапка и под знамето на ЕУ немаше правна основа и беше во спротивност со принципите на демократскиот процес и учеството на јавноста. Го повикуваме Собранието, сите пратеници, сите политички партии и чинители да се вразумат и конечно да се отвори јавна расправа за овој важен закон. Ајде заедно да донесеме европски закон кој вистински ќе ги штити интересите на граѓаните“, се вели во соопштението од АСОМ.
Оттаму посочуваат дека доколку повторно има обид за носење на законот со сила, ќе организираат масовни протести.
И од Здружението „Сакам да работам“ оценуваат дека со одлуката на претседателот Пендаровски се заштитуваат десет илјади семејства.
„После ваков развој на настаните, секој евентуален обид со мнозинство од 61 пратеник повторно да се изгласаат законските измени и претседателот да биде принуден да го потпише Указот, ќе значи дека Законодавниот дом нема слух за оправданите забелешки и работи против ЕУ-перспективите. Затоа, апелираме до техничката влада да ги повлече овие законски измени. Неопходен е широк консултативен процес со вклучување на сите засегнати страни за да се дојде до законски измени кои ќе нудат решенија за грижите на граѓаните, а не да создаваат хаос во игрите на среќа, со кој младината навистина ќе биде загрозена“, се наведува во соопштението од Здружението „Сакам да работам“.
Оттаму апелираат и до движењето „Антикоцкање“ да не шири, како што се вели, невистини и манипулации, посочувајќи дека затворањето на легалните објекти ќе предизвика отворање диви играчници по подруми, без контрола на државата.
Шефот на државата Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кои предвидуваат нови цени за лиценците за обложувачниците, како и објектите во кои тие се лоцирани да бидат оддалечени повеќе од 500 метри од основните и средните училишта.
Одлуката, како што соопштија од кабинетот на претседателот, Пендаровски ја донел по детална анализа на текстот на Законот и постапката во која тој беше донесен. Тој, како што дополнија од кабинетот, исто така се консултирал и со Делегацијата на Европската Унија во земјава, „како наш најважен партнер во процесот на преговори“.
Собранието ги донесе измените пред една недела, односно на 7 февруари 2024 година, по скратена постапка, односно со „европско знаменце“.