Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети оствари средба со Шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Дејвид Гир.
Соговорниците разговараа за политичките случувања во земјата, претседателските и парламентарните избори, владеењето на правото и евроинтеграциите.
Ахмети го информираше амбасадорот Гир за цврстата проевропска позиција на Демократската унија за интеграција и за продолжување на конкретизирањето на иницијативата за заеднички фронт што ќе го трасира безбедниот пат на земјата кон европскиот хоризонт.
Двајцата соговорници го истакнаа големото значење на демократското одвивање на претседателските и парламентарните избори за европската иднина на земјата.
Ахмети нагласи дека во фокусот на владината коалиција отсекогаш биле уставните измени и зајакнувањето на механизмите за владеење на правото и дека тие несомнено остануваат неоспорен приоритет на земјата на патот кон Европската унија.
Демократската унија за интеграција ќе продолжи со сиот свој потенцијал да инсистира на усвојување на уставните измени и продолжување на реформирањето на земјата во европски дух.