Иако обично се асимптоматски, инфекциите на желудникот или тенкото црево со „Хеликобактер пилори“ се најчестите причини за пептични улкуси (оштетување на слузницата на желудникот).
Кога гастроинтестиналните проблеми ја вклучуваат бактеријата „Helicobacter pylori“, членовите на домаќинството на заболениот исто така треба да се тестираат за можна инфекција, според ново истражување спроведено во Кина.
Иако обично се асимптоматски, инфекциите на желудникот или тенкото црево со „Хеликобактер пилори“ се најчестите причини за пептични улкуси (оштетување на слузницата на желудникот). Исто така, бактеријата може да предизвика гастритис, иритација, а во ретки случаи – ако не се лекува, може да доведе и до рак на желудникот. Истражувачите во Кина спроведоа тестови на сите членови на 10.735 семејства од цела земја.
Меѓу 31.098 испитаници вклучени во студијата, приближно 43 отсто од возрасните и 21 отсто од децата и адолесцентите биле заразени.
Само 29 отсто од семејствата немале никакви инфекции. Сите преостанати 71 отсто имале најмалку еден заразен член, вклучително и 20 отсто во кои сите членови на семејството биле заразени, објавија истражувачите.
Изложеноста на заразените членови на семејството е веројатно главниот извор на ширење, претпоставуваат научниците. Додека 14 отсто од децата и адолесцентите кои живеат со неинфицирани родители – се заразени, таа стапка е 34 отсто кај децата кои живеат со двајца заразени родители.
Преваленцијата на „Хеликобактер пилори“ е особено висока во Кина. А пак, според американскиот Национален институт за дијабетес и дигестивни и бубрежни заболувања, инфекциите погодуваат 30 до 40 отсто од луѓето во САД. Најчесто, инфекцијата се стекнува во детството. Научниците истакнаа дека новите наоди посочуваат дека кога ќе се утврди дека пациентот е заразен со „Хеликобактер пилори“, целото семејство треба да се тестира и да се третираат сите заразени членови.
Инфекцијата се елиминира со антибиотици.