БАЛКАНСКА ЗЕМЈА ГЛАВЕН СНАБДУВАЧ СО НЕЛЕГАЛНО ОРУЖЈЕ ВО БРАЗИЛ – Полицијата во голема акција разотрки зделка вредна 225 милиони евра

Полицијата во Бразил откри милионски систем на илегална трговија со оружје од Европа до Јужна Америка, објави Министерството за правда на Бразил. Како што наведуваат, компанијата со седиште во Асунсион, Парагвај, наводно увезла илјадници пиштоли, пушки и муниција од неколку европски производители во Хрватска, Турција, Чешка и Словенија. Според нив, се работи за оружје вредно околу 225 милиони евра.

Оружјето наводно било увезено од Европа во Парагвај, а потоа се препродавало на групи посредници кои дејствувале на границата меѓу Бразил и Парагвај, кои потоа го препродавале на моќни криминални фракции во Бразил.

Истрагата започнала во 2020 година во полициската станица во Виторија да Конкиста на североистокот на Бразил, каде што биле уапсени две лица со 23 пиштоли од хрватско потекло и две пушки, заедно со муниција и контејнери со куршуми.

Потоа, бразилската полиција започнала операција со кодно име „Ѓаково“, која разоткри мултимилионски систем на нелегална трговија со огнено оружје од Европа до Јужна Америка.

Според Министерството за правда на Бразил, во период од три години, компанијата што ја истражуваат увезла во Парагвај околу 43.000 парчиња оружје во вредност од 1,2 милијарди бразилски реали или околу 225 милиони евра.

Според полицијата, во тој период на територијата на Бразил биле извршени 67 претреси и запленети се вкупно 659 парчиња оружје.