Со вметнување на балканскиот рис во Бонската конвенција, со поддршката на владите на Македонија и Албанија, сега може да преземеме понатамошни важни чекори за заштита на загрозената популација
Евроазискиот рис и неговиот загрозен подвид, балканскиот рис, се најдоа на списокот на преселни видови. Ова е информацијата која во изминатите денови ја сподели со јавноста Македонското еколошко друштво (МЕД), чиј член беше присутен на Конференцијата на Бонската конвенција во Узбекистан.
„Ова се одлични вести за сите заштитари од Европа и Азија“, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво (МЕД). Тој во Самарканд го образложи поднесокот за вметнување на балканскиот рис во Бонската конвенција. „Што се однесува до балканскиот рис, со поддршката на владите на Македонија и Албанија сега може да преземеме понатамошни важни чекори за заштита на загрозената популација.“
Предлогот балканскиот рис да биде ставен на Прилог 1 од Бонската конвенција го даде македонската Влада со поддршка на албанската. Ова е особено важно, бидејќи, со овој чин, властите недвосмислено се заложуваат да ја заштитат оваа ретка мачка, велат од МЕД. Потсетуваат дека се преостанати помалку од 50 возрасни единки од балканскиот рис.
„Распространувањето му е расцепкано низ Македонија, Албанија и Косово. Пред одржувањето на Конференцијата, партнерите на проектот – МЕД во Македонија и ППНЕА во Албанија – спроведоа кампања за овој важен исчекор во заштитата на балканскиот рис и лобираа кај владите во Скопје и Тирана“, соопштија од МЕД.
Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) претставува подвид на евроазискиот рис (Lynx lynx). Нешто помалку од 50 возрасни единки талкаат низ планинските шуми на Јужен Балкан.
Балканскиот рис се соочува со недостиг на поволни и поврзани живеалишта поради прекумерната експлоатација на шумите. Ова резултира и со намалена достапност на пленот. Дополнителна отежнителна околност е криволовот на веќе намалената дива популација на пленот. Згора на тоа, и самиот рис е жртва на криволов поради ловот на трофеи или погрешната перцепција дека убива стока.
Сите партнерски организации од Програмата за закрепнување на балканскиот рис (Еуронатур од Германија, КОРА од Швајцарија, МЕД од Македонија, ППНЕА од Албанија и ЕРА од Косово) се залагаат да ги прошират и споделат сознанијата за рисот, да остварат ефективна заштита на оваа таинствена мачка и да ги зачуваат нејзините живеалишта.
TRT Balkan